Ви доаѓа преку глава од сè. Се чувствувате сосема изгубено. Некогаш луѓето беа изморени од многу физичка работа, ама денес сме изморени психички.
Сакате да направите еден куп работи, но не постигнувате бидејќи она слободно време што ќе ви се најде на патот сакате да го искористите за одмор, ама не успевате да одморите затоа што имате грижа на совест.
Ги затворате очите и ги затнувате ушите за накратко да избегнете од светот, но никако да успеете… Постојано чувствувате како да сте набљудувани од околината, и не можете ни умот да си го запрете.
Сакате да истрчате, ама се чувствувате врзани за неудобен и нестабилен стол кој секој момент може да се скрши и да паднете. Велат дека не е важно колку пати ќе паднеш, туку колку пати ќе станеш.

Да, да… Мудри мисли насекаде околу нас. Ама ако паѓате многу често веќе и почнувате да немате волја да станете. Добро, така се чувствуваат некои од нас. Ќе паднеме, па ќе станеме со нова сила.
Прашањето е што кога ја немаме таа сила? Дали секогаш одговорот се крие во мрзливоста или депресијата? Што ако не е до хемиските процеси во нашето тело?
Со поминувањето доста време скролајќи по социјалните мрежи, постојано гледајќи исти фотографии, но различни (или исти) луѓе, читајќи едни изменети, но сепак исти информации, некако ми делува како свесно да се труеме себеси.
Оние кои следат сајтови што вклучуваат политика се трујат од едни те исти политички проблеми кои само се вртат во круг и се трупаат едни врз други без да најдат никакво решение, а и постојано се потсетени во колку мизерна држава живеат.
Други кои следат секојдневни сајтови кои нудат забавни и навидум информативни содржини за прекрасните или ужасните животи на познатите личности, губат само скапоцено време или пак се тешат дека и богатите имаат маки.
Трети следат сајтови поврзани со менталните нарушувања, постојано ги читаат истите симптоми на иститите проблеми, истите чекори за решавање на тие проблеми, а сепак не преземаат ништо за да се подобрат.
Четврти следат само сајтови кои нудат смешки или бесмислици, велат дека така се релаксираат и смеат. Но дали е тоа навистина така?
Дали имате размислено дека сето она што секојдневно ни се сервира на социјалните мрежи некако како да нè оглупува? Знам луѓе што се свесни за ова, но сепак се силно приврзани за своите телефони и онлајн платформи. Тоа е уште една интересна работа. Всушност, оваа врска меѓу нас и социјалните мрежи е како да сме во една лоша љубовна врска каде партнерот нè малтретира психички, се разболуваме, но сепак решаваме да останеме во врската затоа што мислиме дека не можеме да најдеме подобра опција.
Токму така, толку многу сме приврзани и зависни од социјалните мрежи што длабоко во нас сите мислиме дека кога не би биле активни онлајн, тогаш не би знаеле што да правиме со себе. Така се чувствуваме без да сме свесни дека Интернетот не е претставен само од социјалните мрежи.
Сте размислиле ли некогаш дека можете да бидете онлајн без да имате профили на Фејсбук, Инстаграм, Твитер и сл.? Што тогаш? Една опција е да си направите листа во Ексел од вашите омилени веб сајтови и 1-2 пати дневно да ги посетувате за да прочитате што ви се гледа интересно или корисно.
Некој би рекол, а што со останатиот дел од денот… Можете да читате онлајн книги, приказни, филмски критики, а и може да си направите еден предизвик од филмови кои мора да ги гледате и потоа за секој филм да напишете накратко што сте научиле, што ви се допаднало, а што не. Звучи интересно, но колку сте вие верни на себеси, останува да видите.
После ова сигурно ќе се најде некој што ќе си помисли дека ако се исклучи од социјалните мрежи, нема да може да го споделува својот живот со илјадниците „пријатели“ или следбеници.
Што се случи со старите добри студиа за развивање фотографии? Зошто да не го вратиме овој тренд? Многу е подобро чувството кога гледаме фотографии што можеме да ги допреме. Зошто да не престанеме да го споделуваме нашиот живот со еден куп луѓе кои ви ставаат лајк само затоа што чувствуваат дека мораат?
Мислам дека за да направиме вистинска промена во нашите животи мораме да се тргнеме од социјалните мрежи или барем да го ограничиме нашиот пристап.
И дефинитивно треба да престанеме да ги споделуваме личните доживувања преку фотографии бидејќи никому не му е гајле, а и никогаш нема да добиеме вистинска самодоверба, ниту среќа од бројот на лајкови.
Добро беше времето кога го имавме само Месенџерот како платформа за комуникација. Сега можеме да се свртиме кон Вајбер (вибер) или уште подобро кон комуникација со јавување или средби во живо.
А за оние помладите генерации кои не знаат за поинакво време од она поврзано со социјални мрежи, пробајте да живеете малку поинаку, нема да боли, може само да ви се допадне. Ваше е да се обидете.