Психологот Ирина Николовска продолжува со објаснување за последиците од хеликоптер-родителството, а причините можете да ги прочитате тука.
Кои се последиците од хеликоптер-родителството?
Многу родители развиваат вакви тенденции тргнувајќи од најдобри намери. Умесното посветено родителство е неопходно за правилен развој на детето и дава чувство на љубов и прифаќање, самодоверба, сигурност и водство. Проблем настанува онаму каде релацијата родител – дете и целото воспитание е базирано на страв и донесување одлуки врз основа на она што би можело да се случи (катастрофични очекувања) на детето доколку родителот не е до него. Од друга страна, голем број на развојни психолози советуваат дека децата учат нови вештини и преку неуспесите и преизвиците, што исто така им помага на децата да научат да се носат со предизвици и тешкотии во позрелиот период. Последици:
Намалена самодоверба и самовреднување
Постојаната контрола од родителот носи порака за детето: ти не си доволно добро за да направиш, одлучиш, постапиш само, за тоа секогаш ти е потребно водство од некој друг. Ваквите пораки ја одземаат можноста за самоприфаќање на детето, градење на вештини и истражување надовор од зоната на комфор во разумни мерки кое е неопходно за развој.
Зголемена анксиозност
Стравот на родителите се рефлектира и на децата. Покрај другите нешта, децата ги учат и преземаат и емоционалните реакции на родителите кон нештата и ситуациите.
Неразвиени животни вештини
Родителите кои постојано им го раскреваат креветот за спиење и масата за јадење на децата, диплат алишта, мијат чинии, врзуваат врвки од чевли итн., дури и кога децата се ментално и физички способни, несвсно ги спречуваат да ги рзвијат и користат овие основни вештини за секојдневно живеење.
Како да го избегнете хеликоптер-родителството?
Најголем дел од родителите ги сакаат своите деца и сè би направиле за нивнен правилен развој, здравје, задоволство и постихнување успех. Како и да е, голем е бројот на родителите кои со своите најдобри намери, несвесно, на неумесен начин ја изразуваат својата љубов, главно поради недостатокот на свесност и родителски вештини. Несомнено е дека родителите се соочуваат секојдневно со тешки задачи и постојано одржување балас меѓу крајности. Треба да внимаваат на децата, нивните моментални потреби, стресови и емоции, но во исто време и на и на тоа каква возрасна личност сакаат да воспитаат. За успешност во тој процес, потребни се понекогаш жртви, како од родителската, така и од страната на децата.
Ова значи да им се дозволи на децата да се изборат за некои работи, да бидат разочарани, а кога ќе доживеат неуспех, да им се помогне да поминат низ него. Тоа исто така значи да им се дозволи на децата и тинејџерите да ги извршуваат оние работи за кои се физички и ментално спремни. За да едно дете се развие во личност која е зрела и самоуверена, роителите треба да им дадат можност на децата да се обидат да решат сами некои нивни проблеми и предизвици.
One thought on “Психолог Ирина Николовска: последици од хеликоптер-родителство и како да го избегнете”