Дојде време кога се фокусираме на кревањето на свеста за менталните нарушувања, а самото тоа што има потреба од ваков фокус е премногу болно. Ова зборува колку погрешно го гледаме светот и функционираме во истиот. Векови ни требаа да обрнеме внимание на потешкотиите кои го мачат нашиот мозок, а тој така истоштен си преживува правејќи многу непромислени работи, очекувајќи многу неостварливи нешта, верувајќи во многу лажни вистини, и мислејќи дека љубовта е фиктивна, особено онаа кон себеси. Чудно е тоа што користиме Интернет за да ја покренеме свеста, а тоа го правиме толку пасивно и вештачки. Мудруваме онлајн делејќи совети за гаење на љубовта кон себеси и кон блиските, а во реалноста ја гаеме само љубовта кон телефонот и срцето ни запира кога ќе ни се лизне од раце, небаре човек е. Човек дур ни се лизга од раце, ама и тогаш кога ќе ни отиде фрустрацијата повторно ја лечиме онлајн. Скарани сме со вистинската комуникација. Алергични сме на дискусии. Сè ни е излишно, бесцелно, глупаво, губење на време. Е тука се фаќаме во сопствените замки. Тука паѓаме во бездните на нашата душа. Се губиме себеси во свет од црнила каде малку светкаат циркончиња, а ги мислиме дијаманти. Се движиме по голгота, а несвесни сме зошто. Всушност, кому му е гајле? Научени сме да го прифаќаме животот таков каков што е без да поставуваме прашања. Не знаеме дека со љубопитноста можеме да стигнеме до коренот на тоа сивило и да му го најдеме чарето, па да ослободиме свежина и шаренило во душите.
Велиме дека мразиме клишеа, а живееме по шаблон. Го затвораме умот и се заслепуваме од лажниот сјај на цирконите. Мрак. Темнина. Нема простор за љубов, а тесно е и за разбирање и поддршка. Ама, затоа имаме и премногу место за самоуништување, мрза, користољубие и омраза.
Сте помислиле ли некогаш дека можеби е многу поважно да се фокусираме на кревање на свеста за вистинските вредности отколку за резултатите кои ги добиваме затоа што веќе немаме вистински вредности? Човештвото оди по еден пат кој напредува во вештачка интелигенција, но се уназадува во човечност. Создаваме машини за да ни пружат љубов, а не сме машини. Не ја разбирам потребата на човекот да создаде кукла за да води љубов со истата или да ѝ ги раскажува доживувањата. Нашите емоционални и човечки потреби не можат да бидат задоволени со машини. Не можете да бидете среќни бдеејќи над телефонот. Ниту, пак, можете да бидете сигурни дека имате вистински пријатели додека се радувате на еден куп смајлиња и гифчиња кои во овој свет треба да претставуваат среќа. Еднаш, разговарав со една пријателка која ми раскажа за случка каде што на нејзина пријателка ѝ соопштила вест, но не ја добила очекуваната реакција. Се почувствувала разочарана затоа што не добила еден куп смајлиња и гифчиња од луѓе или животни како се радуваат и танцуваат. Тогаш се зачудив и се замислив. Зарем до таму е отиден светов? Зошто самите се губиме? Сум видела луѓе кои додека куцкаат „хахахахаха“ и испраќаат тон смајлиња, се мртви ладни, па дури и превртуваат очи. Знаете ли дека заборавивме да се смееме од срце? Од мое лично искуство, знам дека човек што ќе ми напише „честитки, се радувам за тебе“ е многу посреќен од оној кој ќе ми направи цела драма. Наречете ме ладна, ама не верувам во лигавење. Искрено, ако во моментот имам вишок време ќе испратам и јас некој гиф, ама гледам тоа да биде малку пореално. Ако некој мој близок постигнал некаков успех, да речеме, положил испит, јас се радувам и навистина ми е многу мило, но да бидеме реални, тоа не е мој успех, не сум го одела тој пат и јас не скокам до таван од возбуда. Не ми е природно. Ете, не можеме сите да бидеме глумци. Токму затоа сметам дека пријателите многу често ни сервираат лажна среќа мислејќи дека тоа е вистинскиот начин да ни покажат дека им значиме.
Сум сведочела на ситуација каде што една личност преку презентирање лажна среќа и возбуда, се обидува да ја купи приказната која се крие зад успехот на друга личност од сосема трети причини. Ова станува трагично кога втората личност навистина верува дека првата личност е неизмерно среќна за нејзините успеси. А тие две личности, сосема малку се познаваат. Она што сакам да го кажам е дека потребно е да си ги отвориме очите и умовите оти се гушиме од лажни пријателства и љубови (циркони). Страдаме од неосновани стравови, панични напади, депресии, а и како не би страдале? Како? Немате ли помислено дека додека нашата свест миже пред вистината, нашата потсвест е сосема будна и свесна дека тонеме во лаги, а вистинските вредности полека се вкопуваат длабоко, од каде и набрзо ќе биде многу тешко да ги откопаме? Можеби сите оние демони кои нè прогонуваат и дење и ноќе се само внатрешните крици од болка на потсвеста. Затоа мислам дека треба сериозно да си ја сфатиме состојбата на светот и на умот. Оставете ги политичарите да се занимаваат со политика. Свртете го вниманието кон себеси, кон блиските, кон миленичињата. Фокусирајте се на негување љубов, разбирање и поддршка. Обидете се да кажувате искрено те сакам, или не го кажувајте воопшто. И дај исфрлете го лицемерието од душите, ќе се удавите еден ден. Ни вие сте среќни, ниту пак тие на кои им глумите.
Доколку сакате да читате повеќе, заследете го Смајли.мк на Фејсбук и Инстаграм.