Да ставиме крај на омразата и предрасудите кон она што ни е непознато – Психологот Давид Тасевски за ЛГБТ

Живееме во земја која речиси за сè има многу назадни размислувања полни со предрасуди и омраза. ЛГБТ луѓето се доста загрозени, иако во светот одамна уживаат еднакви права со сите.

Со цел да дадеме квалитетно мислење со кое би помогнале да ги срушиме табуата за геј луѓето, решивме да побараме одговори од Давид Тасевски кој по професија е психолог, семеен и системски советник. Давид ќе ви објасни дали постојат докажани причини за хомосексуалноста, како и можни причини зошто луѓето чувствуваат одбивност кон геј луѓето. Преку учење нови нешта, поставување прашања на вистинските места, добиваме можност да ги разбереме оние кои се поразлични од нас и да ги прифатиме такви какви што се.

Давид Тасевски:
Кога ми ја кажавте темата за која ме контактирате, се замислив за структурата и должината, бидејќи на оваа тема луѓето често очекуваат да добијат краток одговор, а во суштина сексуалноста е комплексна, кога зборуваме за секс, идентитет, однесување, желба, па дури и флуидност во сексуалноста. Она што на почеток е важно да се запомни дека живееме во хетеронормативно општество каде сите ние се трудиме да ги исполниме очекувањата на општеството генерално, очекувањата од семејството, и секако под влијание на културата и религијата, како би се вклопиле во една дефинирана нормалност на која нè научиле од мали.

Во моментов работам на норвешки проект во невладината организација Субверзивен фронт, и држиме предавања на јавни и државни службеници со цел сензибилизација за работа со различни групи, маргинализирани групи, па зборуваме за еднаквост, нормалност, стереотипи и предрасуди врз основа на кои носиме суд за една личност, и секако кога зборуваме за говор на омраза и дискриминација, се обидуваме да објасниме дека дискриминацијата има различни основи, но е подеднакво неприфатлива без разлика дали е врз основ на религија, попреченост, националност, сексуална ориентација итн.

Она што го нагласувам на групите на кои предавам е да ги потсетам дека маргинализираните групи се таму каде што се поради тоа што ние ги туркаме на маргините, а кога зборуваме за еднаквост, се обидувам да им доближам дека начинот на кој размислуваат е креиран од културата и местото каде се израснати, и дека за истата тема, доколку заминат во некоја друга земја, со истиот став, може да бидат повеќе поддржани, или нападнати па дури и затворени. Затоа, кога зборуваме за нормалност секогаш треба да ги имаме на ум човековите права и слободата која му е загарантирана на секое лице од раѓање, и би требало да биде еднаква насекаде во светот. Потоа да размислуваме за причините поради кои ги класираме луѓето во кутии, и како тоа нам ни помага да ја задржиме нашата удобна позиција како дел од некое мнозинство.

Кога зборуваме за сексуалната ориентација, она што е доста присутно кај нас, колку и да е смешно или нелогично, па за некому и глупаво, сè уште е присутен ставот дека лица со различна сексуална ориентација кај нас не постоеле, туку тоа е американско влијание, влијание од западот итн. Често луѓето кои користат ваков тип коментари, не се подготвени за факти, дискусија, туку презентираат став кој им е на нив потребен да биде вистина, поради некоја нивна неудобност поврзана со темата. Но доколку ги отвориме книгите, па сега уште полесно и интернетот, ќе ја забележиме хомосексуалноста од постоењето на човештвото. Па така, имаме скулптури, насликани ѕидови и предмети на кои е прикажана љубовна врска помеѓу двајца мажи во древен Египет, цивилизации од Латинска Америка, Кина и во кинеската литература, Европа итн.

Кога зборуваме за животните, и на оваа тема луѓето немаат познавање. Уште во 90-тите години, научниците документирале хомосексуално однесување кај повеќе од 450 видови животни низ светот. Ова може да вклучува сексуална активност од ист пол, придружба, родителство меѓу истополови животински парови итн.

Кога ја спомнавте Светската здравствена организација, хомосексуалноста е тргната од МКБ-10 во 1990 година. А, ако одиме во насока на она што што ме прашавте, причината која лежи зад тоа зошто некои луѓе се геј, конкретен одговор нема.

Во последно време и голем број професори од светски познати универзитети кои работат на темата, знаат да кажат, „кому му е важна причината, важно е дека ЛГБТ луѓето постојат и отсекогаш постоеле“, и она на кое во развиените земји се обидуваат да работат се истражувања за менталното здравје и негативното влијание од средината во која ЛГБТ луѓето раснат со чувство на неприфатеност, страв од отфрлување од семејството и средината, булинг и насилство, кое секако подоцна се одразува со негативни психолошки ефекти. Иако постојат истражувања кои ги испитувале можните генетски, хормонски, развојни, социјални и културни влијанија врз сексуалната ориентација, не постојат наоди кои им дозволуваат на научниците да заклучат дека сексуалната ориентација е определена од некој посебен фактор. Меѓутоа, постои и став кој вели дека сексуалната ориентација е најверојатно во голем дел предизвикана и од биолошки фактори кои почнуваат пред раѓањето, а во прилог на ова се случаите на геј идентични близнаци. Некои истражувања правени кај идентични близнаци покажуваат дека кога едниот близнак е геј, постои 30% до 66% веројатност и другиот близнак да биде геј.

Она што е важно, особено на нашето поднебје е да разбереме дека луѓето не одлучуваат кој ќе ги привлекува, и дека не постои терапија или лекови кои ќе ја променат сексуалната ориентација на лицето. А, кога зборуваме на оваа тема, важно е колегите психолози, психијатри, психотерапевти да знаат дека секој обид за некаков третман во насока на промена на сексуалната ориентација на клиент е противзаконски и се коси со нашиот етички кодекс. Нашата улога е да разбереме, поддржеме, помогнеме, а не да ја влошиме состојбата или да го турнеме клиентот во уште поголемо неприфаќање на себе кое може дополнително да влијае негативно на неговото ментално здравје, па дури и да дојде до обид за суицид, за кој одговорноста во тој случај е наша. Исто така, важно е да знаеме дека не можеме да го „претвориме“ лицето да посака одеднаш друго лице од различен пол, исто како што не можеме некое друго лице да го „претвориме“ во геј.

На луѓето кои најкористен коментар им е „доколку малите деца гледале, ќе станеле и тие“, треба само да се потсетат дека сите ЛГБТ луѓе се родени и израснати во средина со родители од различен пол, но сепак се тоа што се. Во САД уште во 70-тите години, лезбејки, со вештачко потпомогнато оплодување започнале да раѓаат деца кои раснеле во истополова родителска врска. Оние кои истражувале со цел да докажат дека сексуалната ориентација на родителите ќе влијае на децата, не успеале да го докажат. Така што, имаме добар пример и огромна бројка на веќе возрасни луѓе кои имаат свои семејства, и не станале геј поради тоа што израснале со истополови родители. Иако, за мене е дури досадно кога ги повторувам истите работи, а понекогаш и на луѓето на кои предавам кои читале на темата, патувале во други земји, им е исто така смешно, не треба да ја заборавиме онаа група на луѓе кои сè уште мислат дека ЛГБТИ луѓето се опасни и се некаде далеку од нив.

Јас скоро се вратив од Осло, и престојував за време на нивната Парада во рамки на која, имаа програма од скоро 10 дена. Сите државни институции го имаа знамето на виножитото, а она што беше за мене прекрасно да се види, беа многу семејства излезени со своите деца за да бидат дел кога според нив „градот е највесел“. Меѓутоа, тоа е општество каде само прошетката по улиците каде никој не се чувствува неприфатено и владее позитивна атмосфера, говори многу за функционалноста кај нив. Тие ги имаат надминато прашањата за еднаквост, човекови права, загадување, дискриминација, диви градби, корупција и сè она што ние го живееме тука и нè прави несреќни. 

Не знам дали одговорите досега беа онакви какви што ги замислувавте, меѓутоа ако се осврнеме на другото прашање, а тоа е кои се причини за омразата кон ЛГБТ луѓето, веројатно зборуваме за неинформираност, нешто кое е презентирано како страшно, па влијаело на луѓето во градење став базиран поради она што го спомнавме погоре, хетеронормативно општество, неприфаќачки насочено кон различностите.

Кога зборувам во моментов за различности, на нашето поднебје дискриминацијата постои и на други основи, па така, можеме да кажеме дека сме општество кое не е толерантно кон нешто кое е поразлично и за кое немаме информации, но најверојатно и не сакаме да ги добиеме. Но, постои разлика помеѓу оние луѓе кои немале информации, меѓутоа после контакт со геј луѓе, можеби посета на поразвиени земји каде човековите права се на прво место и геј луѓето се движат слободно, информации од интернет, полека ги менуваат своите ставови и не се чувствуваат загрозени бидејќи во основа се сигурни во себе и својата сексуалност.

Кога зборуваме за омраза, ирационален страв и нетрпеливост кон геј луѓето, зборуваме за хомофобија. Иако и за хомофобијата немаме јасни причини, психоаналитички објаснувања произлегуваат од идејата дека хомофобијата е феномен на возмениреност во присуство на геј лице, отворање на геј тема, слика со геј пар итн., а главен фактор за стравот од геј лицата е стравот од можноста да се стане хомосексуалец кој може да биде главен фактор кај хомофобијата, иако знаеме дека геј не се „станува“.

Психоаналитичките теории претпоставуваат дека хомофобијата е резулатат на потиснати хомосексуални нагони или хомосексуална латентност (латентност – што не се гледа, тајно, прикриено). Латентната хомосексуалност може да се дефинира како хомосексуална возбуда за која поединецот не е свесен. Ова го зборуваме во насока на почетниот одговор за комплексноста на сексуалноста која може да биде флуидна, може да се појавува кај одредени поединци како мисла која ги возбудува меѓутоа ја избегнуваат.

Она што е интересно во земјите каде ЛГБТ лицата имаат еднакви права, поддршката доаѓа од стрејт луѓето кои се сигурни во својата сексуалност и не ги чувствуваат ЛГБТ лицата како никаква закана која им предизвикува страв, вознемиреност или неудобност, а доколку во одреден период имале мисли или привлечност кон ист пол, тоа го отвориле веднаш поради отвореноста на општеството која не ги групира веднаш како „чудни“, „ненормални“ итн. Сигурноста во себе, одговорените прашања и мисли, непотиснување на потребите, секако влијаат позитивно кон носењето посигурни одлуки, но и на менталното здравје на поединецот.

Би сакал да завршам со кратка порака кон сите оние кои се плашат од различностите, во која би сакал да размислат за општество со еднакви права за сите, општество кое нема одредена група да го мрази и да се иселува, туку сите заедно задоволни од сопствените животи ќе се фокусираме на подобрување и јакнење на истото. И не зборувам за утопија, зборувам за земјите кои се над Балканот, земјите во кои кога одиме таму ја прифаќаме различноста и нивните правила, земјите во кои работиме и се трудиме да останеме, земјите кои се на врвот на листата на среќа и задоволство од сопствениот живот, функционални општества кои се успешни токму поради тоа што сите се чувствуваат еднакви и се фокусирани на заедничко подобрување на животите, а не на борба за основни права. Ние сме тие кои заминуваме таму, а ако можеме таму, зошто не би можеле и тука?

Како психолог кој ја започна кариерата работејќи со лица во психијатриска болница, па потоа со лица со болести на зависност, ЛГБТИ лица под ризик, жртви на семејно насилство и деца Роми без родителска грижа, она што можам топло да го препорачам е секогаш да се трудиме да се запознаеме со непознатото и да ја погледнеме перспективата на другиот. Само на тој начин ќе престанеме да мразиме и ќе успееме да разбереме. Секако, единствено што може да ни се случи е да научиме нешто ново.

Ви благодарам на поканата,
Давид Тасевски – психолог, семеен и системски советник.

Преземањето на оваа содржина е дозволено само делумно и со линк до изворот.

Доколку сакате да го контактирате и консултирате Давид Тасевски обратете се преку мејл или инбокс на Смајли.мк.

А ако сакате да читате повеќе, заследете го Смајли.мк на Фејсбук и Инстаграм.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s