Првиот месец од оваа учебна година речиси заврши, до крајот остануваат уште осум месеци. За некого овие месеци ќе летнат исполнети со среќа, смеа, желба за учење и дружење, ама за некого тоа ќе биде само сон.
Во текот на наредниве осум месеци знаете ли колку деца ќе ги боли мешето или ќе им се лоши пред да одат на училиште? Знаете ли дека тоа не секогаш е симптом на стомачен вирус, туку може да биде и анксиозност? Знаете ли дека тоа е повик за помош?
Не, вашето дете не се обидува да биде центар на внимание, вашето дете само го бара потребното внимание кое треба да му го дадете. Како родители/старатели/одговорни лица за тоа дете, имате задача да му посветите доволно внимание и да научите што се случува додека детето е на училиште.
Додека за другите училиштето е забава и учење, за некои деца училиштето е мачилиште. Секое утро им почнува со кнедла во грлото или болки во мешето оти знаат дека штом излезат од дома веќе не се безбедни.
Има голема можност повторно да бидат нападнати од нивните врсници, а некогаш дури и од поголемите деца. Нападот не значи секогаш ќотек. Овие деца во времето додека се на училиште, освен ученици, знаат да бидат претворени и во слуги, чистачи, покореници, робови и што ли уште не.
Прочитајте ги следниве коментари од родители кои одекнаа на социјалните мрежи:
Ова се само неколку коментари, замислете колку многу деца страдаат на овој начин, а можеби и уште полош. Сте помислиле ли дека можеби вашето дете е малтретирано на училиште? Сте помислиле ли дека можеби вашето дете е тоа што ги малтретира останатите?
Време е да ги исклучите телефоните и да го разбудите родителот во вас. Обрнете им внимание на вашите деца. Прашувајте ги како си го поминале денот и обидете се да ги извлечете сите информации. Реагирајте доколку вашето дете е жртва на булинг. Преземете мерки доколку вашето дете е тоа што го извршува булингот.
И едните и другите деца бараат помош. Жртвите се премногу тивки, наивни и исполнето со анксиозност – утре ќе бидат оштетени возрасни. Оние, пак, кои го извршуваат булингот покажуваат моќ бидејќи нешто им недостасува или мислат дека така треба.
Родители, не зависи само од вас, вие морате да соработувате и со наставниците, педагозите и психолозите во училиштата. Наставници, не спијте. Улогата на наставникот е позначајна отколку што си мислите. Не сте ја добиле таа титула за да бидете само дотерани со кредата во рака. На некој начин вие им сте втор родител на вашите ученици.
Со оваа статија ги охрабруваме сите родители кои имаат деца што се жртви на булинг да ја споделат нивната приказна под хаштаг #ИЈасСумЖртва. Исто така, доколку деца го читаат овој текст: консултирајте се со вашите родители и споделете ја вашата приказна под хаштаг #ИЈасСумЖртва.
Споделувањето на вашите приказни може да ја крене свеста кај луѓето и да се преземат потребните мерки за да се намали булингот во и надвор од училиштата.