Проверување на соц. мрежи 2-3 пати на ден по 2-5 минути не е страшно. И тоа доколку имате потреба поради работа или студирање. Инаку, еднаш накратко е сосема доволно. Зошто би губеле енергија и време постојано скролајќи пред компјутер или телефон гледајќи незначајни, токсични и доста извештачени содржини?
Веднаш ќе помислите дека ако не сте онлајн, ќе изгубите контакт со пријателите. Прво, мора да научиме дека постојаното праќање стикерчиња, слики, мемиња и сл. не е здрава и вистинска комуникација, ниту ни ги топли срцата.
Второ, го имате Вибер/Вајбер (сеедно) за да комуницирате само со оние луѓе со кои сакате и кога ќе посакате, без да морате постојано да бидете достапни за сите штом ве видат онлајн.
Трето, вистинските пријателства живеат и без секојдневна онлајн комуникација. Што ќе правите со слободното време ако не сте онлајн? Фала му на Интернетот и издавачките куќи, може да гледате филмови и да читате. Ова се само две работи што можете да ги правите, листата е премногу долга (прошетка, друштвени игри, креирање нови нешта итн).
Секојдневнието знае да биде многу тешко и стресно, па бегањето од реалноста преку влегување во други светови со замислени ликови може да биде и добар лек за душата.
Секако, сите психолози советуваат патувања за подобро ментално здравје, но живееме во земја каде не сите луѓе имаат можност да го шетаат светот и да гледаат нови нешта, па преку филмовите и книгите сите го доживуваме тој луксуз на поинаков начин.
Луѓе, ако немате доволно финансии или не сте во одлична здравствена состојба за да шетате по светот, знајте дека и вашиот живот може да биде забавен на многу поевтин начин. Дури играњето Не лути се човече со вашите најблиски може да ви донесе исто толку среќа колку и три дена во Банско.
Детоксикација од социјачните мрежи значи повеќе слободно време за вашиот мозок да пропатува и искуси убави и поучни нешта дури и преку снимките на екранот од телевизорот или низ страниците на некоја книга.
Најважното нешто што го научив од исклучување од социјачните мрежи е дека животот е помалку стресен, а посреќен кога се живее во реалноста.
-Х