Неукост = Болка (кратка приказна за Љубица и Верица)

Љубица и Верица се долгогодишни пријателки и сосетки. Љубица работи како болничарка, а Верица е сметководителка. Двете се омажени, имаат и по две деца.

Кај едната, кај Љупка, преовладува класичниот патријархат – мажот е глава на куќата, а жената се грижи за куќата, за децата, за работата, и поретко за себе, а за мажот бидејќи мора.

Кај другата, пак, Верица, има некоја мала промена – мажот знае да биде и жена кога треба, но не го бива за маж, ни за татко. Чудно е, да. А Верица е жена и ги извршува сите обврски и верува дека може сè да постигне сама, освен да промени сијалица или боца на плинското. Верица мисли дека се грижи за себе со тоа што ќе стави малку од застареното карминче и ќе се нацрта со малку моливче под очите.

Животите им се монотони и тешки, исто како и на Дина и Фани, се сеќавате на нив две кои постојано се жалеа? Епа сограѓанки се. Но кај овие две жени има уште поголема мака. Ќерката на Љубица, Мартина, си има маки со главата, изгледа од што е мрзлива и нејќе ништо да прави, така ја опишува мајка ѝ. А синот на Верица, Васко, пак, е многу разгален, и во последно време сè нешто му пречи, изгледа затоа што сè му било пружено во животот, барем така велат и мајка му и татко му.

Така еден ден, двете најдоа малку време да отидат да испијат по едно кафе и да си помуабетат – да си се пожалат една на друга.

„Оф, бе Вере бе, а бе да не ти се живее.“

„Зошто, бре Бубе, што е сега?“

„А бе глава не можам да кренам, кај од работа, кај од домашни обврски. Мартина со прст не фаќа ништо, која мрза станала бре. Како да ја урочив кога ја фалев дека сè ми помага по дома. Некогаш ми се чини магија  ѝ има фрлено некој. Што мислиш, а?“

„Аман бе Љубице, за магии зборуваш, што е до толку? Може се скарала со дечкото нешто, па, ти.“

„А бе каков дечко, од дома ли дечко се фаќа? Ене ја демек работи на компјутерот, ништо не прави. Гледам јас по очите, Вере, ненаспана е. Кој знае и дали спие воопшто. Маж ми вели да ја однесеме на психијатар. Не е нормален бре, каков психијатар! Ако ми е мрзлива ќерка ми, не значи дека е луда. Нели сум во право, Вере?“

„Добро Бубе, денес младиве знаеш дека си работат по Интернетот, не значи дека те лаже. Ама ова што викаш ти личи како да не спие, а мрзлива е… не знам… викаш Томе вели да ја однесете на психијатар, а? Што знам бе… Одма ќе ја начукаат со лекови, кој знае што ќе  ѝ дадат. Знаеш нема асален лекар денес… Ама не дека те тешам, и оној мојон, Васко, а бре само се дере по дома, сè нешто му фали, му пречи, освен кога е со другарите или некои девојчиња – е тогаш е насмеан, среќен. Само дома ништо не му чини, а и често си знае да си пивнува по некоја чашка.“

„Барем се смее Васко, оваа мојава не сум ја видела да се смее не знам од кога. Ама и тој твојот па машко е, па ти. Не се секирај. Ќе си најде некоја ќе си се среди. Оваа мојава кој ќе ја земе бе, Вере? Онаква намуртена, мрзлива, неќефлија? Ќе окука стара мома, е да знаеш.“

„Не знам бе Бубе. Некни зборував со матичната, и таа ме советува да оди Васко до на психолог. Ама, мене некако, знаеш, ко ти… глупости ми се тоа. Туку… за ова што велиш магија….“

„Е тоа де, тоа ти го зборувам. Што ако некој што нè знае двете дека си сме блиски, си се имаме, па и децата ни се знаат, што ако ни завидуваат? Знаеш завидливоста лоши работи прави. Ееее памтиш ли Вере, од деца слушавме како наоѓаа нашите кончиња, ковчиња по дворови, по ќошеви?“

„Колку си во право еј! Слушај, дај ние двете ќутената, да одиме до кај една жена што имам чуено дека ја фалат. Далеку е, во некое битолско село, ама лекот некојпат пет пари е, знаеш.“

„Леле Верице, да не чуе некој ќе рече имаме по 70 години со ваквиве муабети. Али ајде бе, дај да пробаме. Поарно ќе одиме на бајачка отколку да ги труеме децава со глупости, психијатри како да не. А бре ова ти е или чиста мрза и разлаеност, или магија трето нема.“

„Многу ми е гајле што ќе кажат! Гледај ние да им најдеме чаре кај женава, батали другото. Туку Бубе, дај да станеме, доста е, треба ручек за утре да спремам.“

„Ајде, вистина, оној мојон ќе се мрчи оти не била готова вечерата на време.“

Кога Љубица се враќа дома е сосема изненадена од сликата што ја гледа. Мартина лежи на двоседот и плаче, а татко ѝ до неа седи и ја гали, велејќи ѝ  „Знам дека можеш, нема да се срамиш.“

Љубица се вклучува веднаш, „Што е работата? За што да се срами? Мартина што е со плачењево?“

Девојчето засрамено почнува да си ги брише солзите. А татко ѝ, Томе, вели „Бубе, Мартина е и моја ќерка и утре закажавме на психијатар. Може сум строг, може сум патријархално воспитан, ама јас сум образован, начитан и знам дека е нормално на денешно време да се посети стручно лице. Не се обидувај да ме разубедуваш и да ми зборуваш за магии. Ако нашево девојче не се подобри од каде што ќе ја носам јас, тогаш ќе видиме. Се разбравме ли?“

„Не знам јас што ви е на сите со тоа психолози, психијатри. Ене ги, ги гледам на работа, ништо не прават, само апчиња им чукаат и кафиња пијат. Тоа сакаш? Сакаш ќерка ти да се дрогира по легален пат?“ избувна Љубица..

„Па токму затоа не ја носам по државните. Видов колку внимание ѝ обрнаа на жена му на Никола, па ете каде е сега таа. Закажав на приватно. И не се мачи да ми зборуваш за пари, аман!“

„Приватно? Томе, не си свесен колку ќе те излупат. Ама ајде, прави што сакаш, само немој после да се каеш, да речеш во право сум била.“

„А бре жено, смири се и дај направи по еден чај за сите. Ќе најдеме решение, сигурен сум.“

Верица се враќа дома и нормално, гледа како Васко и татко му, Кире се расправаат за пари. Верица си размислува во себе Оф државо скапана, да ти мочам политичари и власт и сè. Да не беа овие маки за пари, немаше кавги да имаме по дома.

Како и секогаш, Верица се обидува да ја смири ситуацијата за да не дојде до поголем конфликт кој може многу лошо да заврши. На крај, секој се повлекува во својата соба, па следува трескање на вратите. Верица останува сама со своите мисли Оф Господе, што ли ме снајде со мажов маки, со детево маки. Кај сум правела олку лошо, па вака да ми враќаш. Што ли ќе нè снајде допрва со ова лошо?

Поминува малку повеќе од месец дена, заради непредвидени обврски Љубица и Верица не стигнале да се видат ни слушнат. Недела е, Мартина заминала со другарка на прошетка, а Томе на фудбал со пријатели. Верица, видно ослабена и срушена од тага, доаѓа дома кај Љубица на кафе-муабет.

„Што се случило Вере? Што си ваква?“

„Остави, Бубе, не ми се отвора уста. Затоа ме нема, затоа не ти звонев.“

„Аман, што е работата? Што се случи?“

„Ах, Бубе, син ми заврши на болница.“

„Како на болница? Што му е?“

„Од главата, Бубе. Од главата си патиме сите.“

„Аман бре, жено. Ме плашиш. Кажи ми. Добар ли е?“

„Една ноќ се опил толку многу што со колата возел над дозволеното и направи сообраќајна несреќа. Ама среќа, во несреќата, помина со минимални повреди.“

„Оф, фала му на Бога. Што си толку исплашена тогаш?“

„Бог… ах… хах… Решивме да продолжиме со испитувања…“

„Леле, рак да не му најдоа?“

„Скраја било, остави ме да докажам, жено. Лекарите ангажираа психолог, па викнаа и психијатар кога дознаа дека син ми често пие и кога им раскажав за неговото однесување. Не знам како успеа, но психијатарот го натера син ми да прозбори. Детето ми има тешка депресија, Бубе. Сега остана да лежи во одделот на психијатрија. Рекоа дека сме чекале предолго, па морало да биде извесно време и хоспитализиран. Сепак, гледам дека има напредок.“

„Те разбирам, Вере. Те сфаќам. Те боли душата… ти се кине срце…“

„Од каде толку разбирање, Бубе?“

„Од каде? Е па јас што бев толку проста на денешно време и сакав ќерка ми да ја носам на бајачка, испадна дека мажот ми е попаметен. Ја однесе на приватен психијатар, едвај се отвори девојчето… Дијагностицирана  ѝ е депресија и анксиозност. Уште учам по Интернетов за ова второво, не можам многу да разберам што е. Ама изгледа не е лесно. Докторката рече среќа што на време отишла, па започна со послаба медикаментозна терапија и редовна психотерапија. Машала, гледам подобрување. Има моменти кога си мислиш дека пак се враќаш на почеток, ама докторката вели, нормално е тоа. Ова нејзе не  ѝ се случило преку ноќ за да ѝ помине веднаш. Треба време, упорност и поддршка.“

„Леле Љубице, ќе ни отидеа децава за малку. Па ова е многу сериозно. А што ќе кажеме на пријатели? Дека ни одат децата на психијатар? Како ќе кажеме?“

„Јас ништо не кажувам, викам добра си е Мартина, ко млад човек, си има и таа маки. Што има бе сите да знаат?“

„А бе да, ама Бубе некогаш можеме многу да помогнеме ако споделиме како сме нашле спас.“

„Јас нема да кажувам додека некој сам не дојде да ми се пожали за себе или свое дете. Не сакам. Единствено важно ми е детето да ми е добро.“

„Во право си. Ама јас не можам да стојам мирна, ќе видам некако преку некоја организација ако можам да направам нешто за да ги разбудиме луѓево што спијат. Кај ни е за никаде во државава, постојани стресови, сите млади си заминаа, и овие што ни останаа ни се разболуваат. Мора да најдеме начин.“

„Те поддржувам, Вере, ама јас, ќе си ќутам за Мартина. Само да ми се подобри девојчето.“

„Ќути си, Бубе, твое право. Јас морам да одам, не можам мирна да стојам. Стравот ме тера да сторам нешто, а оној мојон дома, за ништо стапот не го боли. Се гледаме наскоро, се надевам со поарни новости.“

Ова е кратка приказна која го отсликува секојдневието во Македонија. Пораката – сфатете ја како сакате, па потоа споделете со пријателите.

Автор – Х

Содржината на оваа статија е забранета за преземање, освен во договор со авторот кој може да го контактирате на Инстаграм Смајли.мк или Фејсбук Профилот – Смајли.мк.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s