Деновиве и не е толку лесно да се тешиме со „Ајде, не се секирај, не е крај на свет…“ бидејќи не знаеме. Ништо не знаеме. Ова наликува на некој научно-фантастичен филм. Ова се чини како дооолг кошмар, како некоја дупка; си легнуваш и мислиш дека кога ќе се разбудиш сè ќе биде нормално, ама не е – не престанува. Се надеваме да се види светлината на крајот од тунелот, иако овој тунел освен што е мрачен, ни е и непознат.
Во овие моменти се учат многу работи, само дали ќе ги запомниме и применуваме и кога сето ова ќе помине (ако помине)? Не се работи веќе за тоа дека немаме добра работа или дека сме паднале на испит. Не се работи веќе за тоа дека сакаме да одиме на одмор или да се дотераме. Не е ова плачка поради скршеното стакло на новиот телефон или пластичниот нокт. Ова е нешто кое повеќето од нас го виделе само на филм. Кој знае и дали некогаш сме помислиле што може да ни го снајде светот.
Ние, луѓето, постојано ја нарушуваме природата, ги загрозуваме животите на илјадници живи суштества, а никако не може(в)ме да станеме свесни за она што си го правиме себеси. Со негрижата за другите – не се грижиме ни за себе. Со негрижата за себе – не можеме ни да се грижиме за другите. Што значи ова – грижа/негрижа? Вирусот нè тресна од земја. Нè тера да сфатиме дека себичноста нè носи директно во бездна. Ако сега не научиме дека треба да се сакаме себеси, но и да ги сакаме другите, кога? Ако сега не се освестиме дека слогата е она што нè прави силни, кога? Ако сега не научиме дека светот не завршува со тоа што ќе доживееме личен неуспех, кога? Не е ова метафора, туку навистина треба да се освестиме дека алчноста за материјални средства со кои си ги задоволуваме луксузните потреби нè тера да станеме роботи, а на крајот од денот она што е најважно е да си легнеме здрави и да се разбудиме во свет каде што нема да се плашиме да излеземе надвор.
Коронавирусот е опасен (факт), но помислете и на сите останати последици на сиот овој стрес кој го доживуваме поради закана дека ќе нè нема. Знаете ли дека досега, според СЗО, 264 милиони луѓе страдаат од депресија? И тоа, ова се пријавените, а замислете колку луѓе не знаат дека имаат депресија. Е сега, помислете малку колку би се зголемила оваа бројка ако го преживееме вирусов. Страшно, нели?
Ама, ова не е текст кој треба да нè исплаши оти да бидеме реални со сеење страв не никнува ништо корисно. Ова треба да нè освести бидејќи кога ќе помине кошмаров (да бидеме оптимисти) ќе добиеме нова шанса за да ги подобриме нашите животи и туѓите со цел да го направиме светот подобро место, побезбедно. Не, нема да треба да престанеме да учиме, да работиме, да заработуваме. Но она што ни треба, она што би требало да се потрудиме е да ги оживееме изумрените вистински вредности – емпатија, љубов, солидарност, хуманост… а да намалиме со завидливоста и потребата да бидеме на врвот во сосема неважни нешта.
Како што светот се сплотува во борбата против корона вирусот, така треба да се сплотиме и заедно да се бориме за подобро ментално здравје без предрасуди.
Во овие тешки моменти да се потрудиме да најдеме утеха и среќа во ситници. Постојаното следење на информации околу коронавирусот ни го зголемува стресот и не ни носи ништо добро. Бидете информирани, но не од било кои извори. Следете само СЗО и официјални информации од државата. Мораме да бидеме силни и да се трудиме да направиме да ни биде интересно и дома оти многумина од нас се борат (или имаат некој што се бори) со депресија, анксиозност, биполарно или некоја друга психичка состојба, и оваа ситуација не е воопшто лесна, ама ќе излеземе многу посилни!
Можеби почнувате да размислувате дека вашите планови и труд пропаднале, не знаете што ќе биде со вашиот живот, со животот на блиските, со светот… Имајте на ум дека ова не е ваш личен проблем, не ве засега само вас, и светот не застана само во вашиот живот. Немојте да го трошите времето постојано размислувајќи што ќе се случи за еден месец, два или три – нема да смените ништо.
Седете си дома, па и покрај другите активности (и редовно миење на рацете), читајте ги содржините на Смајли.мк на профилот на Инстаграм и Фејсбук. И запомнете нема да биде крај на свет, ако си научиме дека важно е да шириме љубов, почит и разбирање кон сите и кон себеси.
Предлог Инстаграм профили на Македонци кои вреди да ги следите за да се информирате, мотивирате или да си го разубавите денот: Доктор Горан, Марта Девилиш, Дарко Влогс, Кика Авеиро, Cute Pandayt, Писателката од Лозана, Ксенија Николова.