Во светот на Инстаграм – Македонија како што веќе видовме во претходниот текст, се кријат презабавни профили. Така, пребарувајќи, ја забележавме Дарија Чолакова (Дарија Џинџер на Инстаграм) и нејзините весели фотографии. Дарија е млада девојка од Скопје која со помош на својот фотоапарат и непресушна креативност ни ги разубавува екраните на мобилните телефони.
Освен што ни нуди забавни фотографии, Дарија е девојка која сака книги, уметност, цртање, патување и хорор филмови. Па, во нашиот разговор, таа ни открива нешто повеќе за нејзиниот живот и хоби. Доколку сте инстаграмџија или инстаграмџика, или можеби љубител на хорор филмови, можете да научите многу корисни нешта од оваа девојка.
Дарија, имаш навистина забавен профил кој побудува голем интерес. Од твоите одлични фотографии може да се забележи дека навистина си креативна, браво! Како започна твојата приказна со фотографирањето? Дали би сакала да ни ја издвоиш твојата омилена фотографија?
-Најпрво фала на убавите зборови за мојот профил. Мојата приказна со фотографирањето започнува уште кога бев мала. Отекогаш сум сакала да фотографирам и да ги уредувам сликите. Немаше ден, а јас да не сликам. Не можам да одвојам само една омилена фотографија, бидејќи сите ми се драги на посебен начин. Но, како најомилени фотографии можам да кажам дека ми се сликите од моите миленичиња, природа и сликите од мојот тековен проект. Еве неколку слики кои што ги одвоив како најомилени:

Твоите фотографии имаат многу живи и прекрасни бои кои примамуваат лајкови и голем број на следбеници. Од каде ја црпиш инспирацијата? И какви алатки користиш за едитирање?
– Инспирацијата ја црпам од секојдневнието, од филмовите, од книгите, од сопствената фантазија и чувства и од различни Инстаграм профили. За едитирање на сликите ја користам апликацијата Lightroom каде што имам креирано сопствени пресети, Photoshop и PicsArt за креирање на слики со друга позадина и понекогаш Facetune и Snapseed.
Во Македонија има доста млади кои сакаат да станат познати Инстаграмџии со помош на својот тален и труд. Какви совети би им дала на оние кои се плашат да го започнат своето хоби и на оние кои во себе кријат креатива, но не можат да ја изразат? И дали може да се заработува?
– Кога се започнува со нешто не треба да се има превисоки очекувања, а и не треба да се прави тоа само за да се стане познат. Потребно е да се вложи многу љубов, труд и време за да се стане успешен. За почетниците би им дала совет да не се плашат, да бидат поразлични или како што би рекол еден мој професор: „Бидете уникатни деца, го можете тоа вие“, да не им е грижа што ќе кажат другите, и никогаш да не се откажуваат. И како најважно, да го сакаат тоа што го прават, да црпат инспирација од сѐ, да креираат различни работи со различни методи се додека не го најдат тој метод што им одговара и да соработуваат меѓусебно.
За заработка не можам многу да зборам затоа што самата јас сѐ уште не заработувам преку Инстаграм, а и мислам дека кај нас не може да се заработи доволно бидејќи нашите брендови не се сѐ уште свесни за влијанието на социјаните мрежи како Инстаграм, но во странство или соработката со странски брендови може да се претвори во добра заработка.
Кога ќе се прелистаат твоите фотографии, се гледа дека сакаш да патуваш. Која е твојата омилена дестинација? И кое место во светот планираш да го посетиш наскоро?
-Мојата омилена дестинација засега е Барселона. Покрај неа, многу ги сакам и Париз, Венеција, Лондон, Парга и уште неколку помали градови. За некој месец ќе одам во Париз, а потоа би сакала да прошетам низ Италија.
Нешто што многу ни се допадна е тоа што ти си и илустратор. На твојот профил @darijaillustrations има неколку, но супер илустрации. Раскажи ни нешто повеќе за тоа, пример, дали имаш посетувано курс? Колку често црташ? Што би им препорачала на илустраторите почетници од Македонија?

– Илустрациите ги почнав од забава и од потребата да се изразам креативно. Не сум посетувала курсеви бидејќи многу работи денес може да се најдат онлајн. Цртам од многу мала и многу често. Повеќе цртам на лист хартија отколку на компјутер, а на почетниците би им препорачала многу вежбање, музика во позадина и мозокот да го пуштат на пасење пред да почнат со цртањето.

Дали би сакала да ни откриеш некоја твоја необјавена, но драга илустрација?
-Моментало немам необјавена илустрација и немам нова поради тоа што сум презафатена со други работи и немам многу време да цртам, но ветувам дека во блиска иднина ќе има нови.
Како фан на книги, која е твојата омилена книга и зошто?
-Имам повеќе, најомилени ми се: Записи од мртвиот дом – Достоевски (ми се допаѓа начинот на кој што навлегува во психата на ликовите од книгата), Злосторство и казна – Достоевски, сите од Ден Браун и Донато Каризи (поради самата приказна и начинот на кој што ја доловуваат ситуацијата) и на крај неколку книги од Мир-Јам (ни самата не знам зошто ми се омилени).
Забележавме дека си фан на хорор филмови, кој е филмот кој те има исплашено најмногу? И зошто баш овој жанр?
-Според мене нема страшен филм, сите хорори ми се по малце смешни. Сакам да ги гледам дека се поразлични од секојдневните филмови, не се реални и не секогаш се предвидливи.
-Смешно е да се каже, ама филмот кој најмногу ме исплашил не е хорор и воопшто не е страшен. Станува збор за Хари Потер, сцената со тролот во тоалетот од школото. Бев премногу мала кога првпат го гледав во кино и бев задремала за време на таа сцена па се исплашив кога стана погласна. Поука од ова е да не спиете во кино. 🙂
За крај, кои се твоите Инстаграм планови за оваа година?
-Неколку од плановите за Инстаграм ми се: да станам подобра и поуспешна во тоа што го правам, да соработувам со други инстаграмџии и брендови, и доколку имам можност да заработувам преку Инстаграм. А како план делумно поврзан со Инстаграм ми е да направам свој блог.
Ти благодариме, Дарија за прекрасните одговори! А вие, читатели, не заборавајте да ѕирнете во светот на Дарија.

