Интервју: Дијана Петрова за „Бдеењето над себе“

Дијана Петрова е млада писателка и е автор на нејзината прва книга „Бдеењето над себе“, која скоро влезе во печат. Дијана е од Делчево, а основното и средното училиште ги завршила токму во родното место. Дипломирала на филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Скопје на катедрата за македонска  книжевност и јужнословенски книжевности.

Од кога се роди твојата љубов кон книгите и пишувањето?

-Љубовта е нешто што мислам дека не се раѓа, туку се создава. Прво ми се создаде љубовта кон книжевноста, којашто љубов ме однесе на филолошкиот факултет и овде бев во многу поблизок и вистински контакт со неа. Љубовта кон пишувањето можам да речам дека беше инспирирана од професорите на мојата катедра. Често имавме задолженија со пишување есеи, преку кои полека почна да се појавува љубовта кон исцелувачката моќ на пишувањето.

После дипломирањето, таа исцелувачка моќ на книжевноста ми беше повеќе од потребна за да ја одржам книжевноста во мојот свет, но и мене во светот на книжевноста. Колку повеќе влегуваш во светот на книженоста, толку повеќе се „одомаќинуваш“ во неа. Прво живееш во изнајмени домови и го чувствуваш мирисот на слободата и тој мирис те тера да си создадеш и свој дом, со твое обележје и мирис и веќе ти е топло на душата. Затоа и ѝ се радувам толку на мојата прва книга.

Која е тематиката во оваа книга? Што те поттикна да ја напишеш?

-Па за тематиката не би можела да зборувам конкретно, бидејќи суштината на книгата не е во тоа тематиката да биде нагласена, туку не знам, може некој обид за освестување прво на себеси, а потоа и другите. Освестување преку преувеличување на секојдневни ситуации, кои ќе го прикажат апсурдот кон кој целиме, а е незабележителен оти сите учествуваме во него.

Некако живееме во замаеност и само по некојпат се освестуваме откако ќе (ни) се случи нешто, и пак заспиваме во таа замаеност. Човекот е заглавен во лавиринти од тоа како да го надмине човекот (себеси), обидувајќи се да биде совршен, но според некоја чудна дефиниција за совршеност, која направи постојано да ги гледа и да биде незадоволен од своите „несовршености“… тоа мислам дека и беше поттикот за книгава.

Дали и како имаше влијание пишувањето на оваа книга врз тебе?

-Имаше влијание, да.  Од причина што ме натера подлабоко да размислам за работите кои ги пишував, а со тоа почнав со поголема зрелост и сериозност да ги доживувам. Кога нешто отелотвориш да постои, кога е опипливо, не може да (ти) нема влијание.

Денес многу луѓе читаат онлајн. Што мислиш за тоа? Дали преферираш онлајн или печатена верзија?

-Дефинитивно печатена. Онлајн верзиите ги доживувам како обврска оти сиот тој процес ми е некако многу формален. Читањето го доживувам како нешто  романтично (со самиот себе) и таа романтика не сакам да ми ја нарушува светлината од компјутер, телефон и слично. Иако да, онлајн верзиите се далеку подостапни, јас преферирам печатена верзија, за да ги мирисам буквите, не само да ги видам.

За кога и каде е закажана промоцијата?

-Промоцијата сè уште не е закажана бидејќи барам време кога сите пријатели ќе ми бидат тука, оти и тие се доста заслужни за книгава. Но ќе гледам наскоро да ја организираме, така што, се надевам во блиска иднина ќе бидат објавени денот и местото.

Кога и каде ќе може да се купи новата книга?

-Книгата ќе излезе од печат наредната недела и за сега знам само дека во Литература книжарницата ќе може да се најде, за другите книжарници ќе знам подоцна.

Дали е лесно да се издаде книга во Македонија?

-Живееме во време во кое навистина секој може да издаде книга, ако може да си дозволи да си плати. Прашањето е само како и каде. Како да се издаде книга, е клучно за тоа дали е лесно или е тешко. Ако се финансираш сам, нормално е многу полесно. Јас имав среќа што работев со Здужението за книжевен развој „Нов Вавилон“, Битола и сиот процес околу издавањето на книгата, вклучувајќи го и финансискиот, ми беше многу олеснат.

Дали ќе ни одвоиш еден цитат од книгата за читателите?

„Човек пред да умре, последната слика, последниот момент од неговиот живот, му остануваат врежани во мрежницата од окото. Можеби, на друго место продолжува каде што овде застанал.

Не знаев дали сум умрен и сега се будам таму кај што застанав. Се сеќaвам само дека имав страшен сон и откако се разбудив, се сеќавам дека уште повеќе се исплашив кога видов темен облак како се шири надвор…

Само таа слика ми се прикажуваше пред очите, како последна слика на мртовец, врежана во мрежницата. Темен облак како се шири.

Устата ми беше подотворена кога се разбудив, како на мртва риба, чија подотвореност значеше дека уште е свежа.

„Значи не сум бил многу долго мртов“, помислив, препишувајќи ѝ ја темнината во главата само на смртта.

Тоа што сум бил умрен, па сега се будам ми предизвика олеснување. Прво, поради тоа што не почнувам повторно од бебе. Второ, што не се сеќавам на претходната старост. Најгадните работи. Двaта стадиума, де факто различни, де јуре исти. А младоста, стадиум кога во сѐ бараме незадоволство, но само со надеж дека така староста ќе ни се смили и минливоста ќе не почека.“

Ти благодариме, Дијана. Се надеваме дека во иднина ќе читаме уште многу, многу твои книги.

Напишете коментар